Бизнис
15. March 2024 - 16:40

Бектеши: Не ги качувајте цените, ограничувањата можат да се вратат

До крајот на месецот се очекува пад на цените на основните прехранбени производи. Листата од 2.500 продукти кои ќе се подаваат со ограничена маржи е пратена до Стопанските Комори, кои своите предлози и забелешки треба да ги достават за 10-тина дена. Потоа Правилникот стапува на сила. Трговците и производителите треба да склучат нови договори, каде маржите не треба да надминат 10 отсто. Ако повторно се згоелемат цените, во игра се неколку опции, вели министерот Бектеши

- Ако имаме големо зголемување на цените, пред сѐ, на прехранбените производи, ќе ѝ предложиме на владата мерки, но верувам дека трговците, посебно големите синџири, ќе бидат општествено одговорни и нема да ги зголемат цените. Ние ќе донесеме мерки во корист на граѓаните. Не би сакал да ги кажам опциите кои би биле преземени, бидејќи тие се носат по направени анализи. Сепак, ќе кажам дека во опција се: замрзнување цени, воведување посебни услови на одредени трговци и затворање на синџири на супермаркети кои би се однесувале спротивно – рече Бектеши.

Сепак, дел од големите маркети веќе им доставиле нови договори на производителите во кој бараат рабат од 15 до 30 отсто. Ако ги прифатат, неминовно ќе биде и тие да ги поскапат производите. Но Бектеши им порача- не подлегнувајте под притисоците на трговците. 

- Мојата препорака до производителите е да не паѓаат на финтите на доминантните трговски синџири. Ова се притисоци, но не било ред јас да фаќам страна. Апелирам до совеста на трговците – додаде Бектеши.

Инаку цените на храната во светот паѓаат седми месец по ред. Организацијата за храна на Обединетите нации објави дека во февруари намалувањето продолжи, пред се кај житарките, што го неутрализира порастот кај шеќерот, месото и млечните производи.