Македонија
12. July 2015 - 16:18

Барањата за оставка на градоначалникот на Струмица Зоран Заев не стивнуваат

Барањата за оставка на градоначалникот на Струмица Зоран Заев не стивнуваат.

По жителите на Водоча и Вељуса кои вчера побараа отсранување на дивите депонии на патот помеѓу двата манастири, коалицијата на невладини организации, екологистите и повеќе групи граѓани кои во изминатите денови реагираа за ветени а нереализирани  проекти денеска реагираа и група граѓани од селото Дабиле.

Жителите на Дабиле велат  дека градоначалникот  повеќе не бил заинтересиран за решавање на нивните проблеми, ниту пак ги исполнувал дадените ветувања. Како посебен проблем ја потенцираа канализацијата  која била еден од најзначајните проекти за нив. Велат истата  со години им била ветувана, но никогаш не била реализирана.

-Тој со години ни ветува дека ќе изгради канализација, но од канализацијата во Дабиле нема ништо. Решавањето на овој проблем е од големо значење за нас. Поради немањето на канализациона мрежа многу често септичките јами се излеваат, а низ цело населено место се шири неподнослива реа при што постои опасност од појава на заразни болести, но градоначалникот Заев нема слух за нашите маки. Очигледно е дека тој повеќе не е заинтересиран за решавање на нашите проблеми ниту ги исполнува дадените ветувања- рече Јосиф Василев – жител на Дабиле.

Жителите на Дабиле велат дека тие, но и граѓаните од цела општина Струмица заслужуваат градоначалник кој ќе биде посветен на работата и ќе ги решава комуналните проблеми на граѓаните. Затоа тие јавно го повикаа градоначалникот Заев да си поднесе неотповиклива оставка и да се распишат вонредни градоначалнички избори.