Свет
5. November 2016 - 12:21

Асанж: Хилари Клинтон одигра една од клучните улоги во либискиот државен удар

Кандидатот на Демократската партија за претседател на САД, Хилари Клинтон ја одиграла една од клучните улоги во пучот извршен во Либија во 2011 година, изјави основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж во интервју за руската државна телевизија РТ.

- Либија беше повеќе војна на Хилари Клинтон, отколку на некој друг. Уште од почеток американскиот претседател Барак Обама се изјаснуваше против. Кој беше човекот што ја поддржуваше војната? Се разбира дека е Хилари Клинтон, тоа се гледа од нејзините писма, истакна Асанж.

Според него, во 1.700 од објавените 33.000 мејлови на Клинтон станува збор за северноафриканската земја.

- Таму не пишува за евтината нафта во Либија. Таа го разгледуваше соборувањето од власт на Муамар Гадафи и смената на режимот во Либија како аргумент, кој ќе може да се употреби во претседателската кампања, нагласи основачот на „Викиликс“.

Асанж тврди за документ од крајот на 2011 година, „создаден за Хилари Клинтон и кој содржи хронолошки опис за активностите на Клинтон, која одиграла клучна улога за уништување на Либија“.