Македонија
5. May 2017 - 9:20

Антон Баев прв од шесте автори-гости на годинашната книжевна програма „Апсолутно модерен“

Од 1-ви до 31 мај во Скопје престојува бугарскиот писател Антон Баев (Пловдив, 1963), прв од новите шест автори за 2017 година во рамките на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, која ја организира издавачката куќа „Готен“ под покровителство на Европската мрежа за превод и книги „Традуки“.

Антон Баев е магистер по бугарска филологија при универзитетот во Пловдив, а во 1994 година специјализирал новинарство на државниот универзитет во Ајова, САД. Во 2009 добил докторско звање на Институтот за литература при Бугарската академија на науки. Низ својата кариера работел како библиотекар, колумнист, репортер, главен уредник и издавач.

Во периодот 2000-2007 година бил главен уредник на весникот „Марица“ – најголем регионален дневен весник во Бугарија. Во 2016 година бил еден од основачите на Пловдив ЛИК фондацијата (фондација за литература, уметност и култура), која е фокусирана на претставување на делата на најистакнатите современи бугарски автори на различни јазици. Тој е наградуван автор за бројни книги од различни жанрови: седум книги поезија, четири романи, две книги раскази, книга на философски фрагменти и две академски монографии.

- Својот престој во Скопје во рамки на книжевната резиденцијална програма Баев ќе го искористи за истражување за својот најнов роман насловен „Светото зачнување (The Holy Conception)“. Се работи за втор дел од фикционален роман, чиј прв дел, „Светата крв“ издаден во 2016 година. Делото е дизајнирано како експериментален роман кој развива нови пристапи кон историјата. Дејството е историски лоцирано на територијата на Македонија и вклучува борби за незвисност од Црквата и за секуларно образование од средината на 19 век, како и неколку историски настани до дваесеттите годиини на 19 век. Целиот заплет е презентиран преку различни гледни точки и современи гласови на тој начин користејќи експериментален и иновативен наративен пристап, соопшти организаторот на резиденцијалната програма.

Покрај Антон Баев, оваа година учесници на програмата се уште пет истакнати автори од регионот: Наида Мујкиќ (Босна и Херцеговина) – поетеса и филмска критичарка; Мухамед Баздуљ (Србија/Босна и Херцеговина) - писател и новинар истакнат по своите храбри политички ставови, Елифе Красники (Косово/Австрија) – писателка, феминистичка активистка и истражувачка од областа на општествените науки и Неџат
Ибрахимовиќ (Босна и Херцеговина) – писател, книжевен и филмски критичар, сценарист и автор на документарни филмови и Ренато Баретиќ (Хрватска) – писател и новинар, оосновач на култниот фестивал „Причигин“ од Сплит.

Секој од авторите ќе престојува во Скопје по еден месец во текот на оваа година, запознавајќи се со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје продлабочувајќи ги своите контакти и развивајќи ја соработката со македонската книжевност и култура. Во Скопје тие ќе работат на своите дела или преводи, ќе посетуваат културни настани, организации и институции, а преку јавни настани ќе бидат претставени во Скопје и во други градови во Македонија.