Анкетната комисија доби зелено светло, Онкологија нема доволно пари за терапија за сите пациенти
Многу повеќе пациенти на биолошка терапија, малку пари за неопходните лекови. Условениот буџет и зголемениот број на новодијагностицирани со малигни заболувања, според раководството на Онкологија причина за нервозите и загриженоста на болни кои изминатите денови беа оставени без лекови. Фезго сега има, но до кога не знаат ниту лекарите ниту директорите. Според предвидените средства, за оваа терапија биле предвидени 45 пациенти, но ја земаат тројно повеќе, тврдат од менаџментот бидејќи не можат докторите да прават селекција и за едни да има а за други не.
Директорката на клиниката во изјава за Сител вели дека недостиг имало и ќе има се додека парите што ги добиваат се под реалната потреба.
- Дали тоа значи дека сега ги трошите количините предвидени за декември? – И те како значи тоа. Согласно зголемената потреба ние секој месец вклучуваме пациенти надвор од предвиденото и како резултат на тоа се соочуваме со искористување на предвидените количини. И доколку не наидеме на разбирање, може да се случи да имаме еден подолг гап од недостаток на терапија, вели д-р Виолета Клисаровска, директор на Клиника за Онкологија.
И додека од Онкологија велат дека работат во координација со Министерството и Фондот за изнаоѓање на решение, онколошки пациенти постојано сведочат колку е тешко покрај болеста да молат и за лек.
Дополнителен проблем се и гужвите во онколошките ходници каде има пациенти од цела држава. Доколку работат центрите и скапите апарати и во клиничките болници, болните нема да поминуваат стотици километри туку ќе бидат третирани поблиску до местото на живеење.
До конечно и системско решение за онколошките болни, во Обвинитеството во тек е предистражната постапка за скандалот на Онкологија и наводите дека некој се богател и препродавал скапа терапија на грбот на најтешко болните. Ќе се бара и дали има и политичка одговорност а за тоа е задолжена Анкетната комисија, која беше потврдена на денешната собраниска седница и со неа ќе раководи Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар