Македонија
13. July 2015 - 17:17

Анкета на ИРИ: Висока поддршка за НАТО и ЕУ

Македонските граѓани со огромна поддршка за интерграција во НАТО и Европската Унија, покажува последната анкета на американскиот републикански институт. Според испитувањето спроведено врз 1105 испитаници во периодот од 6 до 16 јуни, 80% од граѓаните поддржуваат Македонија да стане членка на Европската Унија, наспроти 14% кои се против. Уште повисока е поддршката за членство во НАТО.

За граѓаните најважно надворешно политичко прашање е признавањето на името на државата како Република Македонија како и старт на преговорите за членство во Европската Унија и зголемување на странските инвестиции.

Во врска со прислушуваните разговори на опозицијата, 37% од граѓаните се изјасниле дека имаат слушнато најголем дел од нив, а 43% дека слушнале само некои разговори. 14% од граѓаните не ги слушнале иако се информирани за нив, а 4% воопшто не се запознаени со прислушувањето на СДСМ.

Анкетата покажува дека разговорите немале големо влијание врз граѓаните. Ниту 6 месечната криза ниту повеќе од 30 бомби не му беа доволни на СДСМ да се доближи до рејтингот на владејачката партија.

Истражувањето на ИРИ покажува дека СДСМ и натаму има повеќе од двојно понизок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ. Во анкетата на ИРИ 23% би гласале за ВМРО-ДПМНЕ доколку утре се одржат избори наспроти 11% кои би гласале за СДСМ.

Меѓу политичките лидери Груевски и натаму убедливо е најпопуларен политичар.

18% од анкетираните граѓани му веруваат на Груевски наспроти 7% кои имаат доверба во Заев.

Паднаа во вода и обвинувањата на опозицијата дека изборие биле наместени. Повеќе од две третини анкетирани рекле дека не бил подложени на никаков предизборен притисок, ниту пак дека познаваат некој кој бил присилуван или плаќан за да гласа за одредена партија.