Македонија
3. February 2026 - 8:41

Андоновски ја почна посетата на САД со претставници на водечки институции од областа на кибербезбедноста

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ја почнал посетата на Соединетите Американски Држави со работна средба во MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на кибербезбедноста и управуваат со повеќе FFRDC-центри (Federally Funded Research and Development Centers).

Како што информира Министерството за дигитална трансформација, на средбата се разговарало за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.

- Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност и како институциите може да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, соопшти Министерството. 

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, во која се Игор Јанушев, генерален секретар на Владата, и Златко Перински, министер за локална самоуправа, оствариле средба и со претставници на Мајкрософт, каде што со Козета Гарет, генерален директор за кибер безбедносни сервиси во оваа компанија, разговарале за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.

Македонската делегација во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.

 

МИА