Свет
6. May 2016 - 13:24

Американски воени советници помагаат во борбата против Ал Каеда во Јемен

САД им пружаат воена поддршка со разузнавачки информации, бродови и специјални единици на јеменските и арапските сили во операциите против екстремистите од Ал Каеда во Јемен, изјави претставник на Пентагон. 

Американските војници им помагаат на јеменските и арапските коалициски сили, кои војуваат со Ал Каеда на Арапскиот полуостров и неодамна успеаја да ја вратат контролата врз пристаништето Мукала. 

Војниците од американските сили за специјални операции, кои се советници на јеменските сили и на силите на арапската коалиција (Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија) во регионот работат на штабно ниво и не се во близина на местата, каде се водат конфликтите, изјави анонимен висок претставник на Министерството за одбрана.

Портпаролот на Пентагон, капетанот Џеф Дејвис, изјави дека САД им обезбедуваат „ограничена поддршка“ на јеменските и арапските коалициски сили во Мукала и околината. Тоа вклучува планирање, воздушно набљудување, разузнавање, медицинска поддршка, снабдување со гориво и морска блокада.