Американски сенатори постигнаа договор за Обамакер, Трамп го поддржа

Двајца водечки американски сенатори, од редовите на републиканците и демократите, постигнаа меѓупартиски договор за продолжување на финансирањето на сојузните субвенции за здравствено осигурување, со што спорниот закон на претходниот претседател Барак Обама, кој Доналд Трамп се обидува да го урне, ќе добие уште две години.
Американскиот претседател Доналд Трамп му даде поддршка на постигнатиот договор практично веднаш штом беше најавен, иако нагласи дека сепак ќе се обиде да го урне Обамакер.
Републиканскиот сенатор Ламар Александер од Тенеси и демократската сенаторка Пети Мареј од Вашингтон, челници на комисијата за здравство при американскиот Сенат, соопштија дека постигнале договор за двегодишно продолжување на субвенционирањето на осигурителите за полисите на осигурениците со послаб имотен статус. Трамп минатата недела потпиша указ со кој се укинува ова субвенционирање.

Со договорот им се даваат поголеми овластувања на сојузните држави во експериментирањето со алтернативни стандарди на пакети на осигурување, но задржувајќи го условот за еднакви цени на премија за болните и за здравите. Договорот не ги исклучува т.н. основни здравствени услуги, како што се оние кои се однесуваат на ментално здравје и бременост, а кои секој осигурителен пакет мора да ги поседува.
- Со ова ги решаваме следните две години. Потоа можеме да имаме сеопфатна расправа за тоа кон што се стремиме долгорочно гледано кога е во прашање здравственото осигурување, изјави Александер по потпишувањето.
Обвинувајќи го Трамп за „саботажа на здравствениот систем“ на САД, Мареј изјави дека и е драго што „демократите и републиканците се согласуваат дека такво нешто е неприфатливо и оти неизвесноста и дисфункционалноста не смеат да продолжат“.
Администрацијата на Трамп, минатата недела најави запирање на исплатата на милијарди долари субвенции за осигурителите за здравственото осигурување на сиромашните граѓани. Тоа е дел од настојувањата на републиканскиот претседател да го урне законот за здравствено осигурување, осмислен од Обама и меѓу народот познат како Обамакер
Ново на Сител
-

Сали: Дигиталната трансформација клучна за европската интеграција, радиодифузијата столб на безбедно и отпорно општество
-

Презентирани инспекциските извештаи на судењето за „Пулс“, одбраната бара ограничување на доказите
-

Трамп: Постигнат е договор за нуклеарното оружје на Иран
-

Малолетник со мотоцикл удрил во 74-годишна жена во Кочани
-

Мицкоски: Нема цена што може да ме натера да влезам во авантура без извесен крај за преговорите со ЕУ
-

73-годишна жена од Струга се онесвестила на пат и удрила во товарно возило
-

58-годишник од с.Брвеница полово вознемирувал 15-годишно девојче во комбето со кое вршел превоз на патници
-

Татко и чичко по расправија пукале кон објект на нивниот син на патот Сарај - Матка
