Македонија
4. July 2022 - 12:29

Акција за побезбеден сообраќај во Битола

57 возачи на мотоцикли беа санкционирани на територија на СВР Битола, а три мотоцикли беа  одземени во последната акциска контрола на СВР Битола. Од нив 30 не носеле заштитна кацига. Иако и оваа година продолжува трендот на намалување на смртноста во сообраќајните незгоди, сепак возачите на мотори, велосипеди и електрични тротинети остануваат најранливата категорија возачи кај кои постои опасност за случување сообраќајна незгода која би завршила со смртни последици, велат од СВР Битола.

-Како најчест прекршок е неносењето на кацига и претставува причина за зголемена смртност при сообраќајна незгода. Ако минатата година имавме 2 загинати моциклисти, оваа година немаме. Минатата година имавме 5 мотоциклисти со тешки телесни повреди, оваа година имаме 3. Минатата година 11 со телесни повреди, оваа година има 3 повредени мотоциклисти со телесни повреди и еден возач на електричен тротинет, изјави Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

Токму заради зголемениот број на овие возачи во овој период, се спроведува кампањата „Носи кацига – вози безбедно“, а целта е на едукативен начин да се апелира до нив да ги почитуваат правилата и да носат заштитна кацига.

-Возачите на електричен тротинет задолжително да носат рефлектирачки елек од самрак до разденување. Често пати сведоци сме како мотоциклистите, кацигата ја носат на раката наместо главата. Апелирам до овие возачи, задолжително да носат кацига, вели Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП.

СВР Битола најавуваат зголемен број активности со цел да ја зголемат сообраќајната култура.