АХВ повлече 20 тони млеко од македонски ланец маркети поради присуство на афлатоксин
Токсична габа повлече 20 тони млеко Милкано од рафтовите на Стокомак. Небезбедното млеко ќе биде вратено кај увозникот во Босна и Херцеговина или уништено во Дрисла. Афлатоксинот го откриле инспекторите од Агенцијата за храна во редовна контрола.
„При лабораториските испитувања најдена е поголема количина на афлатоксин м1 над дозволените 0,05 микрограми на литар млеко, со тоа што сите други производи од овој бренд, а се наоѓаат на нашиот пазар, според досегашните анализи на АХВ, се безбедни за консумирање.“ – Николче Бабовски, директор на АХВ
Токсинот внесен во поголеми количини може да предизвика стомачни тегоби и оштетување на црниот дроб. Во млекото дошол преку храна за кравите.
„Се работи за производ од габите кои преку мувлосана храна доаѓаат во организмот на животните и најголемиот дел се излачуваат преку млекото и урината и на тој начин дошло до млекото коешто се увезува од БиХ“ - Николче Бабовски, директор на АХВ
Од Стокомак ги повикаа оние кои го купиле млекото да го вратат, при што парите ќе ги добијат назад. Додаваат и дека соработката со оваа млекара е прекината.
Ова не е првпат афлатоксин да биде присутен во млеко на македонскиот пазар. Пред 10-ина години овој токсин беше откриен и во увозно млеко од Србија.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
