Македонија
25. September 2022 - 16:34

Ахмети за расколот во ДУИ: Без секого се може

Лидерот на ДУИ застана во одбрана на вицепремиерот Груби. Ден по писмото во кое 20 истакнати членови на партијата го обвинија Груби за самоволие, Ахмети вели дека паријата има поставено стабилни структури кои можат да функционираат дури и без него.

Реков дека ДУИ има поставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, без Блерим Беџети, без Муса Џафери, без Изет Меџити, ова е национална инвестиција и оваа национална инвестиција има силна основа и силна поддршка“, рече Ахмети

За барањето на потписниците на писмото Ахмети да го врати единството во партијата, лидерот на интегративците вели дека  ова не е нешто ново. Внатрепартиските превирања ги оцени како вредности на демократијата на кои и тој самиот инсистира веќе 20 години

Во оваа ситуација кога сме при крај со задачите за прием во ЕУ, за завршување на коридорот 8 и цело ова време работиме на реформите во судството, борбата против криминалот и корупцијата, се ова бара завршување на задачите. Не верувам дека пратениците ќе ја ризикуваат иднината на генерациите. Ова е дневна политика, не е нешто што не може да се менаџира и да се надмине. Во овие 20 години колку што јас ја водам партијата, секогаш имало незадоволство, дебати и секогаш сум бил отворен за предлози и мислења, и никој не отишол на гилотиња за различно мислење“ , вели Ахмети.

Во внатрепартиските превирања во ДУИ, владејачката партија не гледа закана по  мнозинството во Собранието. Од СДСМ оценуваат дека ова се недоразбирања внтаре во партијата кои нема да влијаат врз работата на Владата.

20 истакнати членови на ДУИ меѓу кои и актуелни градоначалници и пратеници вчера преку писмо го обвинија првиот вицепремиер Груби за самоволие, чие однесување го оценија како арогантно, што според нив придонесува за пад на поддршката на партијата.

Груби се уште е без коментар за ваквите обивнувања.