Балкан
14. April 2023 - 14:29

Абазовиќ: Изборите во Црна Гора нема да го сменат односот кон Косово

Црногорскиот технички премиер Дритан Абазовиќ денеска изјави дека Подгорица и Приштина имаат одлични односи и дека изборите во Црна Гора нема да ги нарушат односите со Косово.

Тој на заедничката конференција со косовскиот премиер Албин Курти посочи дека Црна Гора и Косово се пример како треба да функционираат две соседни земји.

„На добар пат сме да направиме некои проекти, кои би ги нарекол историски. Нашата идеја е да создадеме полесен пристап за двата народа на нашите земји. Доаѓаме со мирна, пријателска порака и во иднина ќе имаме атмосфера, која ќе биде за пример. Во Црна Гора се случија неколку политички процеси, но тоа нема да го смени пристапот кон Косово. Ние сме подготвени со нашите капацитети да го поддржиме Косово“, нагласи Абазовиќ.

Тој додаде дека својата иднина ја гледаат во Европската унија, дека и Косово и Црна Гора покажале дека „биле многу успешни со својата правда против корупцијата“.

Абазовиќ го покани премиерот Курти да ја посети Подгорица.

Курти наведе дека средбата била фокусирана на односите меѓу Косово и Црна Гора. Тој изрази задоволство што Црна Гора ратификувала три договори во рамките на Берлинскиот процес.

„Денес тесно соработуваме како две соседни земји за промовирање на мирот и безбедноста“, истакна Курти.

Претходно, Курти и Абазовиќ потпишаа билатерален договор за коридор на отворено небо, со кој се обезбедува дозвола за користење на црногорскиот воздушен простор од авиони кои летаат од приштинскиот аеродром.

Курти денеска ја почна дводневната посета на Косово, при што се предвидени средби и со лидерите на опозициските партии, со градоначалникот на Приштина, Перпарим Рам, како и со поранешните претседатели на Косово, Атифете Јахјага и Беџет Пацоли.

На вториот ден од посетата Абазовиќ ќе се сретне со вицепремиерката Емилија Реџепи, со членовите на мултиетничката парламентарна група во косовскиот Парламент и со министрите во Владата на Косово од малцинските заедници. Предвидени се и средби на Абазовиќ со командантот на КФОР Анџело Ристуца и со градоначалникот на Пеќ, Газменд Мухаџери.

Абазовиќ со синоќешното интервју за ТВ Клан изјави дека Договорот помеѓу Косово и Србија, што беше постигнат во Брисел и во Охрид е добар за сите во регионот.

Постигнувањето договор меѓу Косово и Србија има исклучително добри импликации за сите во регионот. Разбирам дека тоа е прашање меѓу две земји и ние немаме амбиции да влегуваме и да се мешаме, ниту пак зависи од нас, истакна Абазовиќ, додавајќи оти би било многу добро да се постигне конечен договор.