Македонија
25. August 2021 - 17:02

21-годишен пациент почина од Ковид-19 во тетовската болница

21 годишно момче е помеѓу шестемина починати од компликации од коронавирусот во тетовската болница последното деноноќие. Координаторот на Ковид Центарот вели дека младиот пациент пред десет дена бил донесен кај нив во тешка состојба, не бил вакциниран и немал коморбидитети.

-Пациентот беше примен во многу тешка состојба, постојано бевме во комуникација со Инфективната клиникиа, пробавме да го транспортираме,  бевме одбиени, но лекари од Инфективна доаѓаа кај пациентот му беше давана терапија по протокол, дури и двата нови антивирални лекови, но за жал пациентот беше резистентен на терапијата, изјави за Сител координатор во КОВИД центарот, д-р Гзим Нуредини.

Доктор Нуредини, вели дека во Тетово голем дел од заболените се млади и апелираше да не излегуваат и да не го шират вирусот. Со 123 хоспитализирани состојбата во болницата и понатаму е критична. Неколку Тетовци биле пратени и во новоотворениот Ковид Центар, Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Козле каде во моментот има 37 пациенти од целата држава.

-Кај нас се примаат пациенти со средно тешка клиничка слика, за разлика од претходниот пат доминираат помлади пациенти, изјави д-р Маја Манолева, директор на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација Скопје.

И од Лекарската комора денеска прв пат укажаа дека во земјава нема национални протоколи за лекување на Ковид пациенти. Сериозен проблем за кој месеци наназад предупредуваа неколку доктори.

-За жал сеуште немаме јасно дефинирани протоколи, и на терциерно ниво има разлика од една во друга установа. Не е потполно истиот протокол на Инфективната клиника и во болниците во Битола или Штип, рече во вчерашната тема на денот во дневникот на Сител д-р Нико Беќаровски.

Дел од лекарската фела смета дека токму немањето државни протоколи за третман на Ковид,  покрај задоцнетото јавување на лекар и коморбидитетите е една од  причините за високата смртност во земјава?