Фудбал
18. February 2016 - 9:48

Зошто Барса е подобра од Реал?!

Рафаел Бенитез на почетокот на годината доби отказ во мадридски Реал, иако пред тоа претседателот на клубот му вети дека ќе остане на функцијата до крајот на сезоната. Сепак притисокот беше преголем, како што рече Перез „хулиганите и медиумите“, ја извршиле агресијата врз Бенитез. Но исто така, се шпекулираше дека Бенитез ја загубил поддршката од играчите, кои биле незадоволни од неговите методи на работа и начинот на кој ги води натпреварите.
 
Неполни два месеци по отказот кој го доби од Флорентино Перез, Рафаел Бенитез во разговор за BT Sport проговори за турбелентниот период во Реал. Сеприсутноста на Перез најмногу му пречела на Бенитез.
 
„Мојот помошник Фабио Пекија ми се пожали дека претседателот е секогаш присутен. Секогаш е тука, секој ден разговара со играчите, се дружи со новинарите, а тоа не е едноставно кога сте тренер“.
 
Инаку, Бенитез својата тренерска кариера ја започна во Б тимот на Реал, а по две децении работа во Валенсија, Ливерпул, Интер, Наполи, доби шанса да го води ’кралскиот клуб’.
 
„Жалам што добив отказ. Жалам што не можев да ги контролирам работите и што не можев да ја надоградам екипата онака како што сакав јас“.
 
Бенитез го лоцира и најголемиот проблем на Реал, како што вели „за резултатите не се виновни тренерите, туку клупската политика“, алудирајќи на честата промена на стручниот кадар во клубот.
 
„Барселона има свој стил на игра. Тоа е нешто што Реал го нема, бидејќи стилот се менува секогаш кога ќе пристигне нов тренер. Тоа е причината што Реал во последните седум години освои една титула во Примера, колку што освои и Атлетико, додека Барселона во тој период освои пет титули во шпанското првенство“, рекол Бенитез.
 
„Барселона во последните осум години играше шест пати во финалето на Купот, има освоено двојно повеќе трофеи од Реал. Барса е конзистентна, тоа е причината за нивните успеси“, дополнил Бенитез.