Македонија
2. July 2019 - 21:28

ЗНМ: Рашковски дава пример како не треба да се однесува висок претставник на Владата кон новинарите

Непримерениот и дрзок однос проследен со закани за тужби за клевети кон новинарите ја засенија денешната прес-конференција што ја одржа Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија Драги Рашковски, реагираат од Здружението на новинари на Македонија.

– Ваквите директни закани за иницирање на судски постапки кон новинари од страна на високи претставници на Владата претставуваат притисок кон новинарите што може да резултира со самоцензура, реагираат од ЗНМ.

Генералниот секретар на Владата, според ЗНМ, потребно е да знае дека со неодговарањето на новинарски прашања на прес-конференцијата, која тој самиот ја организира, но и со дрскиот однос кон поедини новинари кои присутни на настанот, го нарушува и концептот на отвореност и транспарентност која Владата се обидува да го застапува.

– Го потсетуваме Рашковски дека доколку е незадоволен од етичките стандарди на конкретен новинарски или медиумски производ, тогаш тој може да упати претставка до медиумските саморегулаторни тела, нагласуваат од ЗНМ.

Од ЗНМ посочуваат дека високите претставници на Владата, но и воопшто јавните личности кои се дел од политичката сцена, потребно е да имаат повисок праг на толеранција кога кон нив се упатува критика од страна на новинарите. Тие е потребно да знаат дека тужбите за клевета и навреда кон новинарите претставуваат непопуларен метод кој се користеше во минатото, а тоа негативно се одразуваше на слободата на изразувањето и придонесуваше Македонија да биде ниско оценувана на светските индекси за слободата на медиумите.