Македонија
10. September 2021 - 16:48

Жртвите од Тетово се осум жени и шест мажи, судска медицина ги предаде телата на семејствата

На Институтот за судска медицина заврши обдукцијата врз телата на починатите во модуларната болница во Тетово. Идентификацијата е извршена со помош на ДНК примероци од членови на семејствата. Како што соопшти обвинителството покрај на 14 –те лица кои настрадале во пожарот по барање на истражителите обдукција е направена и на млада пациентка која починала од Ковид, а била хоспитализирана во истиот објект.  

- Телото на веќе починатата пациентка било изнесено во моментот на избувнување на пожарот. Обдукцијата по барање на обвинителството беше извршена за точно утврдување на причините за смртта, при што се констатира дека  настанатата смрт не е последица од пожарот, информираат од ЈОРМ.

Ниту од Судска медицина, ниту од обвинителството не ги откриваат првичните резултати од обдукцијата.

Официјално само соопштија дека 8 од жртвите се жени и 6 мажи на возраст од 29 до 78 години.

- Околу пладне телата на настраданите во тетовската модуларна болница со погребални возила беа подигнати од Институтот за судска медицина.

Денеска настраданите во пожарот се погребани во нивните родни места.