Македонија
21. April 2021 - 16:37

Жителите на Ново Маало доставија петиција до Владата со која бараат одобрение за градба

Со писмо и петиција потпишана од 350 луѓе жителите на Ново Маало бараат од Владата и општина Центар веднаш да се издаде дозвола за градба на висококатниците спроти Холидеј ин. Иако тие не се опфатени со оваа парцела, се надеваат дека веднаш штом почне изградбата ќе почне планирањето и за нивните куќи.

-Ова ни е единствена шанса да го обезбедиме нашиот начин на живот по 100 години лажење, манипулации од општината од институциите кои 100 години не држат во лавиринт, рече Игор Стојчев, жител на Ново Маало.

Од Транспорт велат дека Центар се уште нема доставено елаборат за суспензија на ДУП-от. Досега, општина испратила само прашалник како да се изработи елаборат.

-Додека ние не добиеме барање за суспензија, или елаборат за суспензија ние немаме предмет по кој што ќе постапуваме, вели министерот Бочварски.

Од општина Центар велат дека елаборатите се изработени, но треба прво да поминат на Совет, пред да бидат испратени до Транспорт.

Скопскиот градоначалник, пак, остана воздржан и не сакаше да одговара на новинарски прашања надвор од темата не прес-конференцијата.

-Ве замолувам значи, по 45 години ова е историски ден за нашиот град. Во текот на утрешниот ден ќе имам јавен настап ќе ги добиете одговорите на сите прашања кои ви се дилема, рече Шилегов.

Од Владата, пак, велат дека ако не се почитува Законот за градење, висококатниците нема да се градат.

-Одобрението за градба се издава доколку се исполнети сите услови во Законот за градење. Со Урбанистичкиот план се пропишува што е планирано на опфатот на таа локација, какви типови на надградба, колку зеленило е предвидено и каква инфраструктури е потребна. Врз основа на сите тие информации инвеститорот приложува проект и ако ги исполнува сите услови добива одобрение за градење, вели портпаролот Душко Арсовски.

Граѓани на Центар денеска на Богдановиќ преку герила акција му порачаа дека одобрение за градба ќе значи и негово заминување од функцијата градоначалник.