Македонија
5. August 2021 - 16:52

Жителите на Кучково три месеци без вода, селската чешма единствен извор

 

На само 15 километри од строгиот центар на Скопје жителите на Кучково три месеци се оставени без вода. Единствениот извор е чешмата на сред село. Тука се полни вода за пиење, за миење, за перење... Некогаш се чека и по еден час ред за да се наполнат неколку шишиња. Постарите жители се принудени да одат пеш и по 20 минути со торби и шишиња со вода.

-Ова е селската чешма со вода за пиење. Дури има и случаи кадешто жените тука што живеат одат и на чешма перат, дури и садови мијат на чешма. Тоа ни е. А ние другите со канистри, со буриња и со вода за полнење, преку шишиња со торби одиме вода да наполниме, вели жителка на Кучково.

Кучково не е приклучено на градскиот водовод. Се копаат бунари, но и тие многу брзо пресушуваат. Жителите велат дека понудиле и самите да финансираат за да се реши проблемот.

-Минатата година понудивме ние самите придонес да дадеме, да избушиме и да се приклучиме на водовод. Лично градоначалникот Александар ни рече „Не смеете вие да бушита, и да избушите, нема да ви дадеме да се приклучите“, вели жител на Кучково.

Постојано бараат општина Ѓорче Петров да го реши проблемот. Минатиот месец биле и да бараат средба со градоначалникот, но обвинуваат дека службениците дрско ги избркале од општината.

 Од општината уверуваат дека одговорни лица денеска биле на терен.

- Kонстатирано е дека сите четири бунари (бушотини) кои се со длабочина од 32 -120 м. се суви, односно нема доток на вода во истите. Во претходниот период направени се 4 бунари на различни локации, каде во почетокот имало некоја количина на вода, но поради карсноста на земјиштето, водата постепено се губи каде бунарите остануваат суви. Општината во изминатиот период ги извести граѓаните на с.Кучково дека имаме изработено студија за местоположба – наоѓалишта на подземни води, преку Институтот за геосеизмичко инженерство и геохидролошка анализа, каде што е утврдено можно наоѓалиште на подземна вода на длабочина од 120-150м, велат од Ѓорче Петров.

Кучково со децении нема вода. Жителите тврдат дека пред секои избори добиваат само празни ветувања. Од општината велат дека важен фактор за сушата е и местоположбата на селото бидејќи дождовните води не се задржуваат и продираат во длабочините на земјиштето.