Македонија
4. May 2017 - 13:02

Жител на Василево се бори за живот, го нападнале со лопата и мотика

Четириесет и едно годишниот Д.Ц. од струмичко Василево се бори за живот во Ургентниот центар во Скопје откако вчера бил нападнат од двајца браќа соселани.
 
Од полицијата информираат дека на нападот му претходела расправија со браќата Ѕ.А. (36) и М.А. (32) од истото село. Околу 19 часот додека Д.Ц. бил во дворот во семејната куќа, дошле браќата, по што Ѕ.А. најпрво со лопата го удрил Д.Ц. во пределот на телото, а потоа со мотика го удрил во главата нанесувајќи му тешки повреди.
 
Со приватно возило повредениот бил пренесен во Медицинскиот центар во Струмица, а по укажаната лекарска помош поради сериозноста на повредите е пренесен во Ургентниот центар во Скопје каде се наоѓа во животна опасност.
 
Двајцата браќа се приведени во полициска станица, а обезбедени се и предметите со кои бил нападнат Д.Ц. На местото на настанот увид извршиле полициски екипи и јавен обвинител и се работи на целосно расчистување на случајот.