Македонија
23. January 2019 - 16:45

Жбогар ги потсети властите дека има уште многу работа на потребните реформи до јуни

Македонија треба искрено да се посвети на клучните реформи. Владеењето на правото и судството и натаму се области каде што се очекува најголема работа, порача евроамбасадорот Самуел Жбогар.

На презентирањето на приоритетите на романското претседателство со Унијата, Жбогар беше уверен дека Владата ќе го заврши предвидениот реформски процес, за да може Македонија во јуни да ги почне преговорите со Европската Унија.

Клучниот и најтешкиот резултат секако ќе биде да се постигне еден вид на преседан во владеењето на правото и судството. Во однос на тоа беа усвоени некои закони следејќи ги препораките од ЕК, од Венецијанската комисија, од ГРЕКО што е навистина добро, но промената на законите не е доволна за да се промени однесувањето

Во успешното завршување на мисијата – преговори со ЕУ во јуни - убеден и вицепремиерот Османи. За него 2018-та беше историска година за Македонија поради тоа што земјава успеа да ги скокне најголемите пречки на патот кон ЕУ, но останува уште многу работа на домашен план.

Еден од трите приоритети на романското претседателство со Унијата ќе биде проширувањето, а Романија ќе ја поддржи поддржи позитивната одлука за почеток на преговори со Македонија

Романското претседателство со ЕУ почна од 1-ви јануари и ќе трае до 1-ви јули. Покрај проширувањето, останатите приоритети од кои ќе се води се активностите на Унијата во однос на земјите од Западен Балкан, како и политиките за заедничка безбедност и одбрана и Брегзит.