Македонија
24. February 2016 - 16:07

Зголемен криминалитетот во Крива Паланка

Криминалитетот на подрачјето нa општина Крива Паланка во второто полугодие од 2015 бележи пораст од 14 отсто споредено со истиот период претходната година, се наведува во информацијата за превземени  мерки и активности во текот на второто полугодие лани на Полициската станица од општа надлежност, Крива Паланка, презентирана на последнат седница на Советот на општина Крива Паланка.
 
Во второтo полугодие лани регистрирани се 98 кривични дела, што во однос на истиот период во 2014 година, кога биле регистрирани 86 дела бележи раст од 14 отсто. Од вкупниот број регистрирани кривични дела 73 се реализирани, со што е постигната вкупна реализација од 75 отсто.
 
Во текот на извештајниот период бројот на поднесени кривични пријави е во зголемување од 8.2 отсто, односно поднесени се 66 пријави, против 87 сторители, додека во 2014 истиот период била поднесена 61 пријава, против 90 сторители.
 
Во второто полугодие лани регистрирани се 91 дело од областа на класичниот криминалитет, а и оваа бројка бележи пораст во однос на иститот период 2014, и тоа за 16.7 отсто.
 
Од вкупната бројка кривични дела од оваа област најголемо е учеството на имотни деликти, со регистрирани 51 дело од кои 21 се обични кражби и 22 дела се тешки кражби, а осум се останати дела од областа на имотни деликти.
 
Регистрирани се и 11 кривични дела против безбедноста во сообраќајот, од кои 5 дела „загрозување на безбедноста на сообраќајот“ и шест „тешки дел апротив безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
 
Во текот на второто полугодие лани од областа на недозволена трговија се регистрирани вкупно 4 кривични дела од кои две за недозволено држење распрскувачки материи и по едно за неовластено производство и пуштање во промет на психотропни и наркотични супстанции и овозможување и употреба на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекузори. Сите дела се реализирани и поднесени се кривични пријави против сторителите, се наведува во информацијата на ПС ОН, Крива Паланка.