Македонија
17. July 2018 - 18:24

Зголемен бројот на пациенти со очни инфекции, најчесто од капење во базени

Летово секој трет пациент на Очната клиника имал инфекција на очите. Дневно во установата лекарска помош барале и по десетина граѓани. Според офталмолозите топлото време и капењето во базени и други неистечни води се дел од причини за зголемениот број случаи со инфекции на очите овој период од годината.

-Пациентите се јавуваат со една клиничка слика со црвенило и како што кажуваат анамнестички се чувствуваат како да имаат страно тело во очите, доаѓаат на клиника и не знаат дека имаат инфекција, изјави асс д-р Ирина Богданова, Клиника за очни болести.

Голем дел од пациентите со коњуктивит се деца.

-Вирусните инфекции се почести бидејќи побргу се шират. Имаме многу случаи на деца со коњуктивит и затоа апелирам до родителите ако детето има инфекција на очите да не го носат во градинка, додаде д-р Богданова.

Од друга страна за да се спречи инфекција на очите од бактеријата хламидија која често ја има во базените доктор Богданова советува после капењето лицето задолжително да се измие со чиста вода.