Македонија
16. January 2022 - 16:34

Зголемен број прегледи на Клинички, кај дежурните служби и итната медицинска помош

Викендот дури  200 пациенти поминале низ ковид амбулантата на Инфективна. Најголем број од нив биле вратени на домашно лекување а дел поради клиничката слика завршиле во болничка соба. Брзото ширење на омикрон причина и за гужви и во дежурните скопски служби. Само во поликлиниката во Ченто од осумдесет прегледи, половина биле поради висока температура.

- Има зголемен број во ноќните служби. Бараат помош поради горнореспираторни инфекции, температура и слична вирусна симптоматологија и оние со умерена и потешка клиничка слика ги препраќаат на седундарно ниво за понатамошна дијагностичка процедура, вели др. Елена Пиловска од Брза Помош Скопје.

Освен во ноќните служби, постојано звонат и телефоните во диспечерскиот систем на Брза Помош. Лекарите велат овој период има многу мозочни удари и пациенти кои имаат проблеми со вртоглавица. Но најголем број од повиците се од пациенти кои имаат симптоми на ковид и бараат совети од лекарите.

- Висока температура која перзистира, кашлица и симптоми кај кои  сите почнуваат од горнореспираторниот тракт односно со затнат нос, вели др. Пиловска. 

Дека состојбата со омикрон станува алармантна покажува и официјалната статистика – За период од десет дена двојно е зголемен процентот на активни случаи или од четирицифрен, сега е петоцифрена бројката на граѓани кои во моментот се изолирани поради позитивен тест на ковид.