Македонија
5. July 2017 - 19:18

Зголемен број на претставки кај народниот правобранител

Граѓаните од југоисточниот дел на државата своите уставни и законски права се почесто си ги бараат преку народниот правобранител.

За разлика од порано кога бројот на поднесени преставки  беше многу мал,  во последните неколку години се повеќе  граѓани за остварување на некое нивно право кое било прекршено поддршка бараат од подрачната канцеларија на народниот правобранител во Струмица.

Поднесените преставки се однесуваат на најразлични области од правосудството, финансии и царина па се до нарушени потрошувачки права.

-Имаме зголемен број на преставки кои се однесуваат на радиодифузната такса.Тука имаше голем број на преставки кои се однесуваат на лица кои повеќе години престојуваат и живеат во странство, а имаат обврска да плаќаат радиодифузна такса, повеќе членови од иста семејна заедница обврзани за плаќање радиодифузна такса, лица приматели на социјална помош, мобилност, инвалидитет, тие поднесуваат преставки и тука можеме да кажеме дека народниот правобранител како институција имаше 100% ефикасност, вели Славчо Тимов - заменик народен правобранител.

Освен кај преставките зголемување има и во делот на телефонските јавувања и посетите  на подрачната канцеларија која  граѓаните ја користат за добивање информации и правни советни за одредени проблеми со кои се соочуваат.

Исто како и во изминатите неколку години најголемиот дел од граѓаните кои бараат помош од канцеларијата на народниот правобранител се од Струмица, по нив доаѓаат гевгеличани , а потоа следуваат Радовиш, Берово и Пехчево.

Над 95% од вкупниот број на преставки кои биле поднесени во првата половина од оваа година биле  успешно решени.