Балкан
24. January 2022 - 8:36

Затворени училиштата во Атина и повеќе делови на Грција поради невремето „Елпида“

Градинките, основните и средни училишта во областа Атика, поширокиот дел на Атина, но и во други делови на Грција денеска и утре ќе бидат затворени, а учениците ќе следат онлајн настава, поради невремето „Елпида“ што според метеоролозите ќе донесе обилни врнежи од снег, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција вчера беше одржан вонреден состанок со претставници на перифериите, општините, противпожарната служба, армијата, полицијата, итната помош, за подготвеноста на државниот механизам за справување со снежната бура, а надлежниот министер Христос Стилијанидис, рече дека биле разгледани три теми: работата на училиштата, да останат во функција автопатите и да нема прекини во снабдувањето со електричната енергија.

Објасни дека одлуката за работата на училиштата ја носат локалните власти, а затворањето е оправдано со оглед на тоа што „невремето може да започне додека учениците се на училиште и потоа да биде тешко и опасно нивното враќање дома“, но и со оглед на тоа што поради пандемијата наставата се одвива под специјални услови и прозорците треба да бидат отворени.

Периферијата Атика, поширокиот регион на Атина, по средбата со сите градоначалници, донесе одлука градинките, основните и средните училишта да останат затворени.

Училиштата ќе бидат затворени и во повеќе делови на Грција, во северниот и централниот дел, на дел од островите и на Крит, а наставата ќе се одржува онлајн, додека пак во утре ќе се донесе одлука дали во среда учениците ќе се вратат во училишните клупи.

Во однос на движењето на граѓаните, Стилијанидис упати апел граѓаните да бидат внимателни и да избегнуваат непотребни движења, посочи дека во повеќе делови на земјата ќе биде потребна зимска опрема за возилата додека пак за автопатите, рече дека „ќе се направат големи напори да останат отворени за да може земјата да продолжи да функционира и да продолжи економската и општествената активност“.

-Упатуваме силен апел до граѓаните да бидат многу внимателни и да избегнуваат секакво непотребно движење во следните 48 часа, рече Стилијанидис, истакна дека земјата ја очекуваат „тешки два дена и потребна е внимателност и будност од сите“ и упати „искрена молба“ до граѓаните  верно да ги следат упатствата од властите.

Надлежниот министер најави дека преку бројот 112 за итни случаи, во деловите на Грција каде што ќе има потреба ќе биде испратена смс порка до граѓаните со конкретни упатства.

Ваква порака, со апел во следните 48 часа да се избегнуваат непотребни движења, вчера попладне веќе добија жителите на неколку области меѓу кои и Кикладските острови, Евија и дел од централна Грција.

Невремето „Елипида“ (Надеж) што веќе зафати делови од Грција, вчера донесе снег на дел од Кикладските острови, па така, Миконос, Наксос, Тинос, Сирос, Андрос, кои беа под снежна покривка, нешто што не е честа појава.

Во февруари минатата година, Атина, по најмалку десет години беше под снег, кој иако не надмина 20 до 25 сантиметри, создаде сериозни проблеми и прекин во електричната енергија во повеќе населби.