Македонија
18. April 2021 - 21:19

Започна сеидбата на ориз во кочанскиот регион

Започна сеидбата на ориз во кочанскиот регион. Земјоделските површини се подготвени и се полнат со вода за наводнување од акумулацијата Гратче. На оризопроизводителите во моментот и се достапни две италијански сорти семенски материјал „Опале“ и „Андреа“.

- Почвата е со температура од 6 до 10 степени, така што условите за сеење ориз се погодни- Славе Петров, Водостопанство „Брегалница“.

Погодна е и хидролошката состојба. Во браната „Калиманци“ од каде со вода се снабдува хидросистемот „Брегалница“, во моментот има 110 милиони кубни метри вода, што гарантира дека годинава нема да има рестрикции во наводнувањето.

- Се надеваме дека до почетокот на пуштањето на системот, односно десниот и левиот магистрален канал, што ќе се случи за неколку денови, дека браната ќе достигне максимална кота или можеби да дојде на прилив - изјави Дени Митров, директор на Водостопанство  „Брегалница“.

- Да не се плашат земјоделците, вода ќе има цело лето и на време- додаде Петров.

Поголемиот дел од каналите за наводнување се исчистени. Земјоделците како и секогаш на почетокот од сезоната се оптимистички расположени.

- Очекуваме оваа година да биде подобра од минатата, да немаме проблеми со цената и се да се продаде- изјави Стојче Велков, оризопроизводител.

За годинава се планира во кочанскaта котлина под ориз да бидат посеани околу 4200 хектари.