Македонија
13. February 2019 - 16:04

Започна примената на новото уставно име, новите пасоши и новите регистарски таблички ќе ги плаќаат граѓаните но во рок од 5 години

Со заедничко писмо Скопје и Атина го информирале Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш дека стапува во сила договорот од Преспа и се става крај на повеќедеценискиот спор меѓу двете земји. Од МНР соопштуваат дека вербалните ноти во најкус можен рок ќе бидат испратени до сите меѓународни организации.

Вчера вечер и официјално почна употребата на новото име Република Северна Македонија. Владата, а и Собранието веднаш почнаа да комуницираат користејќи го новиот назив. Истото до петок треба да го направат сите државни институции, односно да извршат промена на сите дигитални записи, логоа, меморандуми, електронски комуникации, веб страни.

Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјава мора да се променат во рок од два месеци, давајки предност на англиската транскрипција пред македонскиот јазик во кирилско писмо.

Нема да се менуваат имињата на градовите Македонска Каменица и Македонски Брод.

Исто како и за патните исправи кои со новото име на државата Република Северна Македонија  ќе почнат да се печатат до крајот на 2019, граѓаните сами ќе треба да си платат и за новите регистарски ознаки кои МВР ќе почне да ги издава за 4 месеци.

-До издавањето на новите регистарски таблички ќе се користат налепници со ознаката НМК кои ќе им бидат давани на граѓаните на граничните премини при излез од државата, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Сите лични документи кои ќе се издадат во меѓувреме ќе важат 5 години. А првите банкноти со новото име Република Северна Македонија ќе бидат пуштени во оптег на почетокот на 2020 година