Македонија
16. September 2019 - 16:18

Загрижувачки податоци, за девет месеци 15 физички напади врз лекари, во среда протест

Годинава 15 напади врз лекари се регистрирани во Лекарската комора. Но, претставниците на фелата велат дека бројката на тепани доктори е многу поголема зошто кај нив не биле пријавени сите случаи.

-Факт е дека овие бројки не се точни, туку дека бројките се многу повисоки, рече проф. д-р Калина  Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора.

Во очекување на законот за докторска дејност  министерката  за правда вели дека и според сегашните закони, здравствените работници имаат статус на службени лица, односно ако сте удриле доктор исто како да сте нападнале полицаец, а казната затвор за ова кривично дело е од 3 до 10 години.

-Согласно нашите закони, лекарите и здравствените работници имаат статус на службени лица. Доколку настане напад при вршење на здравствената дејност, казните се исти како и да нападнале полицаец. Граѓаните не се свесни за ова, затоа е потребна кампања во која тие ќе се информираат – рече министерката за правда Рената Дескоска.

По зачестените напади врз медицинарите изминатата недела, а во пресрет на најавениот протест здравствените власти ги интензивираа трибините за Стоп на  насилството врз лицата во бел мантил. Министерот Филипче смета дека покрај преземените мерки за поголемо обезбедување потребно е и подигање на јавната свест.

-Тоа не е начин да се реши нешто. Лично како лекар сум се соочил со вакви ситуации, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари кои се организатори на протестот реагираат зошто не се поканети на состаноците на кои се бараат решенија за запирање на насилството врз медицинарите.

-Во услови кога АСМЛ самостојно го организира протестот против насилство, кој наиде на целосна поддршка од сите медицинари, ваквите потези носат само штета.

Бидејќи ние не сме поканети на дебата што треба да е врв на демократијата, тогаш и вашето присуство на протестот е недобредојдено! Се вели во нивното соопштение објавено на социјалните мрежи.

Едночасовниот протест под мотото Доста е, ќе се одржи во среда во кругот на клинички.