Македонија
13. February 2019 - 19:16

Загинати и повредени откако автобус се преврте кај Ласкарци

Над 20 повредени лица доцна попладнево се транспортирани на скопските клиники и во ГОБ 8. Септември, јавува репортерот на Сител од Ургентниот центар.

Неофицијално, 5 до 6 лица загинале на самото место кога автобусот на компанијата Дурмо – Турс  кој сообраќал на релација Скопје- Гостивар, излета од патот кај селото Ласкарци и се преврте на покрив.

Петмина од повредените се згрижени во Ургентниот центар, и според  изјавата на д-р Хасани за Сител и се животнозагрозувачка состојба на кои итно им е потребна хируршка интервенција.

Меѓу овие повредени има и една трудница, а останатите се возрасни лица. Поради сериозноста на повредите мобилизиран е целиот медицински персонал на Ургентниот центар и ослободени се сите операциони сали, изјави д-р Хасани.

Повредените главно се со повреди на екстремитеите и абдоменот.

Инаку, 13 возила на Итната помош од Скопје, Тетово и Куманово интервенирале, а 9 скопски амбулантни возила по 2 пати се враќале да ги превезат тешко повредените лица во Скопје.