Македонија
13. April 2016 - 14:54

Заев жив на дело фатен, па помилуван

Зоран Заев два пати е помилуван од Ѓорге Иванов со вчерашната одлука на шефот на државата односно донесувањето на општ акт со кој ги запре сите кривични постапки што се водат против политичарите од власта и опозицијата. Заев е помилуван откако  жив на дело беше фатен во случајот „Поткуп“.
 
Заев беше фатен жив на дело како бара пари за мито. На видео снимката која се појави на Јутјуб каналот кристално јасно се гледа и слуша дека опозицискиот лидер бара мито од 200.000 евра. Заев прецизно дава насоки дека за работата која тој ќе ја заврши треба да му биде дадено мито, кое како што Заев сам кажува треба да биде уплатено кај неговиот брат, Вице Заев.
 
Она што е дополнително скандалозно е тоа дека Заев во видеото отворено признава дека ваквиот тип на коруптивно однесување е стандардна пракса во неговото работење. Тој истакнува и конкретни примери во кои на ваков коруптивен начин и со добивање на мито ја завршувал работата.
 
По објавената снимка и пријавата, следеше отворање на случајот „Поткуп“ во кој Заев беше обвинет за примање поткуп од 200 илјади евра за приватизација на земјиште. Според обвинителството, Заев како градоначалник на Струмица побарал 200 илјади евра од струмички бизнисмен за да заврши процес на приватизација на државно земјиште.
 
 
Во кривичната пријава на МВР беше наведено дека тој побарал од бизнисменот 100 илјади евра за легализација на градежното земјиште и 100 илјади евра за изградба на црква.
 
На видеото кое во јавноста се појави во мај минатата година се слуша како Заев бара одредена сума пари за средување на работите околу некоја локација на територијата на општината.  Од она што може да се слушне на снимката може да се заклучи дека Заев дава насоки како дел од парите треба да се уплатат на црквата, а дел да се дадат кај Вицето (Вице Заев му е брат на Зоран Заев).
 
Од разговорот може да се слушне дека ваков вид зделки во општина Струмица наводно веќе биле склучени и со други бизнисмени.