Македонија
15. February 2021 - 13:27

Заев: Ветувањето е дека кинеските вакцините против Ковид-19 ќе стигнат до крајот на месецов

Кинеската вакцина против Ковид-19 е во постапка на договарање и регулирање. Министерството за здравство континуирано иформира за ова прашање. Ветувањето е дека до крајот на февруари ќе стигнат вакцините. Секој ден за нас порано е важен, но додека се реализираат, имплементираат овие 4680 вакцини кои српскиот народ вчера му ги подари на македонскиот народ, ќе се дореализираат и останатите до 8000 вакцини, заради тоа што трипартитната спогодба меѓу нас, Србија и „Фајзер“ е за осумте илјади вакцини.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев, кој рече дека верува оти ќе стигнат и кинеските вакцини за целиот процес да се одвива континуирано.

Очекувањата се вакцините да стигнат, посочи тој, од крајот на оваа седмица, па се до крајот на следната седмица, кога завршува и месецов.

Српскиот народ, потенцира Заев, уште еднаш покажа големо пријателство, српскиот претседател Александар Вучиќ, исто така српската премиерка Ана Брнабиќ, српскиот министер за здравство Златибор Лончар и сите кои навистина посветија денови за да можат да се испорачаат вакцините на „Фајзер“ како први вакцини или прва помош на пријателскиот македонски народ.

– Јас сум благодарен за тоа. Секако политиките на пријателство биле израз на оваа Влада, која и во минатиот состав и сега ги водам и така ќе продолжиме. Благодарение на тие политики на пријателство успеваме еве пријатели да ни се најдат тогаш кога ни треба, затоа што мислам дека целиот свет треба да гради политики на пријателство, а малите земји како нас треба да бидат уште помудри и да градат уште посилни политики на пријателство, заради тоа што тоа е интерес на целиот наш народ и на нашата земја и низ ваквите политики на достоинствена почит, на пријателство, на пружена рака, на внимание кон соседите, но и кон сите наши партнери верувам дека корист имаат само граѓаните, а секако и нашите партнери со кои секогаш разговараме, додаде Заев.

Тој негираше дека дал изјава во која тврди оти српскиот претседател Вучиќ е националист. – Секој пат сум ги почитувал политиките и на сите соседи и на сите партнери на државата, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која беше потпишан договор за грант наменет во обновливи извори за енергетска транзиција.