Македонија
7. May 2021 - 10:00

Заев: Полицајците се нашите заштитници, чувари на граѓаните, на нивните права и безбедност

Да се биде заштитник и пријател на граѓаните е голема обврска, но и огромна чест која им е доверена на полициските службеници, напиша премиерот Зоран Заев на „Фејсбук“, честитајќи и го Денот на македонската полиција.

– Во период кога се справуваме со сериозна закана од глобалната пандемија, од самиот почеток на оваа здравствена криза полицајците се во првите редови во борбата против коронавирусот. После сите премрежија и предизвици со кои се соочија службите во Министерството за внатрешни работи, денес може слободно да кажеме дека успеавме да ја вратиме основната функција на оваа служба – еден од столбовите кој ја гарантира државноста, основа на безбедноста и во исто време полиција – пријател и заштитник на граѓаните, наведува Заев во фејсбук-статусот.

Порачува дека само со професионализирани и деполитизирани служби може да се гради систем кој ќе ги осигура основните функции на полицијата, кои, како што вели, никогаш повеќе не смеат да бидат злоупотребени во политички цели.

– Упатувам искрени честитки до сите полициски службеници за посветеноста и пожртвуваноста при вршењето на должностите и работните обврски, како и до сите граѓани по повод Денот на македонската полиција и заедно да ја унапредуваме службата во сервис и заштитник – пријател на граѓаните, пишува во честитката на премиерот објавена на Фејсбук.

 

Да се биде заштитник и пријател на граѓаните е голема обврска, но и огромна чест која им е доверена на полициските...

Posted by Zoran Zaev on Friday, May 7, 2021