Македонија
18. October 2020 - 16:51

Заев одбива лидерска средба

Власта го одби барањето за лидерска средба за преговорите со Бугарија, но и останати политички прашања на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. И од СДСМ и од ДУИ сметаат дека нема потреба од ваков состанок бидејки преговорите со Бугарија течат.

„Не гледам потреба од лидерска средба. Особено со човек кој нема став за ниту едно важно, национално или стратешко прашање. Мицкоски не е за договор на било која тема, тој бара начин само како наштети на државата, осовено на процесите кои не водат кон ЕУ. Македонскиот јазик, македонскиот идентитет и посебност се меѓународно потврдени и признаени од целиот свет. Со нашиот сосед, Бугарија,  имаме Договор за соработка и добрососедство, кој патем е потпишан и на македонски јазик“, вели премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.

Тој додава дека очекува отворените прашања да се решат преку  мешовитите комисии.

И Интегративците на Ахмети на слична линија, додавајќи дека сите полититчки партии веќе се изјасниле дека Еу интеграцијата е стратешко прашање.

„Нашата опозиција исто така треба да го поддржи овој значаен процес за земјата и машите граѓани и да не го комплицира за дневно политички потреби. Нашите граѓани направија компромиси повеќе од било која друга земја и целосно ја заслужуваат поддршката од сите земји на ЕУ за да започнат преговорите“, велат од ДУИ.

И шефот на државата Пендаровски кој изминтиов период ги организираше лидерските средби вели дека нема услови за нов состанок.

„Засега нема планови за организирање на лидерска средба од страна на претседателот Пендаровски со оглед на тоа дека нема консензус од сите претседатели на политичките партии, кои се дел од лидерските средби“, велат од кабинетот на Пендаровски.

За ВМРО-ДПМНЕ ОЧЕКУВАНО било Заев да ја одбие средбата за сите важни прашања бидејки побитни за власта се, како што велат од опозициската партија, провизиите и рекетот. Доколку на Зоран Заев му е важно Македонија да тргне напред, ќе прифати лидерска средба и ќе разговара отворено за сите прашања, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 „Бидејќи целата ситуација, економска, политичка, здравствена, на надворешен план е се премногу важно, а како што гледаме се оди во надолна линија. Затоа ги охрабруваме уште еднаш, иако јавно покажуваат дека се арогантни, сметаме дека треба да се охрабрат и да прифатат една лидерска средба каде што ќе се говори отворено на сите прашања, вклучително и запознавање на јавноста со сите прашања,“ вели Димче Арсовски портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на Мицкоски сметаат дека функцинерите на власта вклучени во преговорите со Бугарија, говорат за македонскиот јазик, но не и за македонската историја и идентитет, а според ВМРО-ДПМНЕ и тие треба да бидат црвени линии.