Македонија
26. July 2019 - 12:11

Заев: Ќе се најдеме во непријатна состојба ако не се донесе законот за ЈО

За премиерот Заев посакувано решение за законот за ЈО е да биде донесен со консензус со опозицијата, зашто во спротивно, вели, државата ќе биде во непријатна состојба да се изнаоѓаат други можни решенија.

Ова го истакна на новинарско прашање премиерот Заев за тоа што мислел со тоа што го кажал на седницата за пратенички прашања дека ако законот за СЈО не се донесе во предвидениот рок, тогаш тоа ќе се случи на непосакуван начин. Премиерот појасни дека посакуван начин значи, како и досега во последните месеци што покажа РСМ, низ дебата утврдување на законско решение кое што никако нема да дозволи да се нарушат црвените линии, а тоа е владеење на правото, гарантирање на иднината на СЈО, но и создавање на Лекс специјалис – законот за јавно обвинителство кое навистина ќе ја гарантира правната држава и владеење на правото.

-Непосакуван начин секогаш се мисли кога државата била ставена во ситуација да изнаоѓа други начини, кога не се можни нормалните, регуларни начини. Таквите начини никој не ги посакува, ниту јас. Но, ако до 15 септември не се донесе законот, тогаш завршува мандатот на шефот на СЈО, но останува мандатот на обвинителството, кој трае уште една година. Тогаш државата ќе биде во непријатна состојба да изнаоѓа непосакувани начини за да продолжи да работи ЈО, затоа што не ги знам, но знам дека ќе бидат непријатни и понепосакувани, оти ќе мора да седиме на лидерски средби, да доаѓаат експерти, стручњаци, да изнаоѓаме решенија. Но, државата мора да го најде начинот, мора да продолжи да работи како и институциите на системот. Затоа целта е да бидеме одговорни политичари, да седнеме сите како и досега. Ние од власта прифативме сериозни конкретни сугестии од опозицијата кои се веќе вгаредни во ново предлог законско решение рече премиерот Заев на заедничката прес – конференција со помошникот државен секретар на САД Филип Рикер.