Македонија
10. April 2020 - 14:19

Заев и Мицкоски во домашна изолација поради контакт со новинар заболен од Kовид -19

Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и христијан Мицкоски се во задолжителна 14 дневна самоизолација откако биле во контат со заразен од Ковид 19. Минатата недела и двајцата партиски претседатели имаа интервју со уредникот во Канал 5 Гоце Михајлоски, кој веќе е хоспитализиран во ГОБ 8ми септември и резултатот му е позитивен на корона вирусот. Тестот на Мицкоски е негативен, додека пак, Заев ги чека резултатите во самоизолација во Струмица.

-„Тестот на Мицкоски покажа негативни резултати, но тој ќе мора да биде 14 дена во самоизолација. Во изолација веќе е и Зоран Заев, но неговите резултати ќе се добијат во текот на денот. Во тек се епидемиолошки анкети со сите лица со кои новинарот бил во контакт, по што ќе се преземат соодветни мерки“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Главниот уредник во Канал 5 е првиот новинар потврден со Ковид 19. Првиот тест што на 7 ми април го направил во приватна болница бил негативен, за два дена подоцна при болнички прием е откриено дека е позитивен на вирусот, соопштија од неговата матична телевија. Михајлоски на крајот на март бил во посета на неговите родители во Прилеп а при појава на првите симптоми бил изолоран дома.

Од  понеделник, 6 Април, на барање на компанијата, колегата е во самоизолација а во меѓувреме тој забележува температура повисока од 38 степени, и бара од својот матичен лекар да добие упат за тестирање , но поради електронската анкета, нема доволни симптоми за да биде упатен на тестирање.

На 7 Април, во утринските часови, поради зголемената температура прави тест преку крв во една приватна болница, кој покажува дека е негативен на корона вирусот.

Во четврток, 09.04.2020 колегата Михајловски заминува во Воена болница , каде е примен, а утринава не информираше дека сепак е позитивен на Ковид-19.

Во насока на следење на препораките за заштита при работа од корона вирусот, последниве неколку недели Канал 5 донесе одлука да сите вработени кои можат да го изведуваат работниот процес од дома, тоа и да го прават, пишува во соопштението од Канал 5.

Интервјуто на Михајлоски со Заев и Мицкоски беше на 2ри и трети април. И двајцата лидери велат дека немаат симптоми и се чуствуваат добро. Мицкоски во телефонска изјава за Сител вели дека е во добра здравствена и физичка кондиција и ќе ги почитува препораките на здравствените лица.

-Во текот на вчерашниот ден, по добивање на информацијата дека е нарушено здравјето на новинарот со кој имав интервју точно пред една недела и истото се поврзува со пандемијата, направив тест чии резултати се негативни. Но, ќе ги почитувам препораките на здравствените лица и во наредниот период од неколку дена ќе останам во изолација. Се надевам на брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место., вели Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Би сакал да ве информирам дека во текот на минатата недела имав ТВ интервју со новинар, за кој неодамна се утврди дека е позитивен на КОВИД-19. Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот - по што ќе се утврдат следните чекори, напиша лидерот на СДСМ, Зоран Заев на фејсбук.

Дел од министрите кои имале контакти со лидерот на СДСМ чекаат насоки од Филипче дали и тие треба да бидат тестирани за ковид 19.

-„Секако дека сме имале комуникација со претседаелот на СДСМ. Станува збор за самоизолација која трае 14 дена. Резултатите од неговото тестирање не се познати. Ако треба да се тестираме го имаме министерот за здравство кој ќе ни каже“, вели Нина Ангеловска, министерка за финансии.

Министрите, пак, велат дека на владини седници одржуваат дистанца и носат заштитни маски.