Бизнис
23. May 2022 - 21:15

За седум дена се укинуваат мерките, а нови допрва ќе се креираат - дали ќе се вратат празните полици во маркетите?

Владата не смее да чека до есен за да интервенира со нови мерки во услови кога на глобално ниво не се очекува пад на цените на производите неопходни за живот, сметаат експертите. Веќе е извесно дека замрзнатите маржи и укинатото ДДВ на дел од основните производи, како мерки чија цел е да се заузда инфлацијата и да се зачува стандардот на граѓаните, престануваат да важат на крајот од месецов. Експертите сметаат дека неопходно е државата во континуитет да интервенира.

„Нема релевантен експерт, нема релевантна институција што до сега предвидуваше дека во наредни три-четири месеци дека ќе има намалување или дури и стабилизирање на цените. Така да, мислам дека овој факт ако го имаме предвид треба да се внимава пред да се укине и да не се воведе никаква дополнителна помош, да кажеме, и од страната на подобрување на стандардот на граѓаните и на страната на фискалната политика. Мора нешто да се направи затоа што, навистина, јас лично, моето мислење го засновам на сите извештаи до сега дека не се очекува стабилизирање или подобрување на ситуацијата во наредни 3-4 месеци. Зошто да чекаме три-четири месеци, па пак да преземеме нешто, кога тоа би било сега моментално?“, вели Гадаф Реџепи, универзитетски професор.

Професорот Реџепи не ја отфрла можноста дека по укинување на мерките производите да поскапат. Но, не очекува дека повторно ќе се соочиме со празни полици во продавниците, бидејќи залихи има доволно.

„Да не претерувам со зборот но, на пазарот моментално е ситуација слична на хаос, затоа што постојано гледаме зголемување на цените. Значи, гледаме зголемување на цените таму каде што можеби беше очекувано но, гледаме зголемување на цените и таму каде што не беше очекувано и особено не беше очекувано во такви размери. Мислам дека можеби и нам треба да ни дадат повеќе податоци за тоа дали досегашните мерки биле успешни или не биле успешни. Ние тоа не успеавме баш добро да го видиме. И со овие мерки на пазарот се случуваа големи зголемувања на цените. Но, моментално навистина постои простор за загриженост за идни зголемувања на цените“, вели Гадаф Реџепи, универзитетски професор.

Според експертите, неопходно е надлежните институции да вршат постојани контроли на терен за да не се дозволи да се злоупотреби можноста за покачување на цените, односно да се проверува дали поскапувањето на некој производ или услуга е оправдано или не.