Македонија
3. July 2019 - 17:07

Времен режим на сообраќај во населба во Куманово, поради рехабилитација на железничкиот Коридор 8

Поради рехабилитација и реконструкција на железничката пруга Куманово-Бељаковце, како дел од проектот за Рехабилитација на Железничкиот Коридор 8 од утре почнува времен режим на сообраќај во кумановската населба „Перо Чичо“, соопштија денеска од компанијата изведувач Х.Ф.Вибе. Според информациите од компанијата ќе се изврши пообемен градежен зафат за реконструкција и рехабилитација на постоечкиот железнички подвозник и изградба на нов патен надвозник на улицата „Ѓорче Петров“.

На улицата која ја поврзува населбата со градот Куманово ќе бидат поставени семафори, на ист принцип како кога се вршеа градежни активности од истиот проект на улицата „Доне Божинов“. Од компанијата апелираат до учесниците во сообраќајот да ја почитуваат поставената сигнализација.

– Во текот на извршување на овие активности, сообраќајот ќе се одвива под посебен времен режим,  согласно решението за утврдување на условите и режимот на сообраќај издадено од општина Куманово. Активностите ќе се одвиваат на одредена локација под и околу мостот на улицата Ѓорче Петров, а локалното население ќе има слободен пристап до своите домови преку пешачките патеки, како и со користење на веќе постоечката сообраќајна инфраструктура.– се наведува во соопштението на Х.Ф. Вибе.

Градежните активности фирмата Х.Ф.Вибе ќе ги извршува  до средината на ноември 2019 година.