Македонија
16. September 2024 - 16:41

Вработените во JCП повторно останаа без плата – Најави за блокади на раскрсници во Скопје

Вработените во ЈСП Скопје повторно не добиле плата, која согласно законот, најдоцна на сметките треба да им легне до 15-ти месецов. Обвинуваат дека раководството на претпријатието ги игнорирало нивните прашања за исплата на плати и им вршеле притисок да не излезат на денешната предупредувачка прес-конференција. Бараат да им се исплатат заработените финансии, во спротивно, најавуваат блокади на раскрсниците во главниот град.

Од Синдикатот дополнуваат дека надлежните во ЈСП купувале непотребни делови за автобуси, наместо да им пуштат плата на работниците.

Директорот денеска не одговори на телефонските повици на Сител за тоа зошто до 16-тиот ден во месецот се уште не е исплатена платата на работниците. 

Во меѓувреме, во ек на учебната година граѓаните мака мачат со автобусите. Недостасуваат над 40, а тие што циркулираат низ метрополата не се целосно опремени.

Арсовска поднесе 20 проекти на повикот на Министерството за локална самоуправа, на кој е предвидено на општините низ Македонија да се распределат околу 100 милиони евра. Меѓу тие проекти, Град Скопје бара пари за 95 нови автобуси за јавниот превоз, но министерот Перински е дециден е дека тие пари се наменети за подобрување на инфраструктурата на локалните самоуправи, а не за набавка на автобуси.