Бизнис
19. April 2018 - 19:53

Вработените во еурокомпозит го блокираа патниот правец Прилеп - Градско, бараат една плата и нов директор

Вработените во прилепски „Еурокомпозит“ денеска повторно го блокираа патот Прилеп-Скопје. Велат дека иако блокадите на патот вчера ги најавија за понеделник биле изреволтирани од изјавата на новиот претставник на државниот капитал Софија Јованоска која им кажала дека мора да чекаат уште 30 дена за да се постави нов директор на компанијата.

„Работниците беа известени, изреволтирани ии решивме од денеска да продолжиме со нашите протести се до конечно решавање на нашиот проблем или во најкраток рок исплата на една плата за да потоа ние чекаме 30 дена за да се решава проблемот“, велии Роберт Богданоски, претседател на синдикален одбор.

Вработените пак велат дека се чувствуваат измамени, последен пат зеле плата пред 40-тина денови, а новата сега нема кој да ја потпише. Сега најавуваат повторно протести во Скопје.

„Кога веќе започнавме некој процес и во понеделник или вторник да одиме со шатори пред Влада или пак можеби ќе започнеме штрајк со глад, ќе видиме“, истакна Цветан Бунтески, член на синдикалниот одбор.

Вработените немаат земено 16 плати и не им се платени придонесите од 2012 година. Од Владата добија ветување дека проблемот ќе им се реши во рок од 6 месеци и дека секој месец ќе добиваат плата. Сега велат дека ништо од договорот не било исполнето.