Свет
28. December 2021 - 10:23

Вооружен напаѓач уби четири лица во Денвер, полицијата го совлада

Вооружен напаѓач уби четири лица и рани еден полицаец и уште двајца цивили во реонот на Денвер, главниот град на американската сојузна држава Колорадо, соопшти локалната полиција.

„Осомничениот почина по размена на оган со полицијата“, се вели во соопштението на полицијата во предградието на Денвер, Лејквуд.

Престрелките во областа Денвер се случиле на различни локации и завршија со ликвидација на напаѓачот, потврдија локалните власти.

– Дивеењето започнало вчера околу 17 часот кога неидентификуван напаѓач застрела и уби две жени и рани еден маж во близина на центарот на Денвер. Осомничениот потоа побегнал со автомобил и уби маж во областа Чизман Парк во источниот дел на Денвер, пред повторно да почне да пука во населбата на западниот дел на градот каде никој не е погоден, изјави началникот на полицијата Пол Пазен.

Осомничениот двапати пукал од своето возило кон полицајците од Денвер кои го бркале, при што успеал да го онеспособи полицискиот автомобил, а потоа се упатил кон соседниот град Лејквуд, каде го убил четвртото лице.

– Потоа побегнал пеш во хотел каде ранил службеник на хотелот, потврди портпаролот на полицијата во Лејквуд, Џон Ромеро, додавајќи дека осомничениот пукал и кон полицајците и ранил еден од нив пред полицијата да успее да го убие.

Ромеро рече дека засега нема информации за состојбата на ранетиот полицаец и цивилите.