Македонија
3. July 2020 - 16:56

Вонредна состојба во Белград, Македонија нема да ги затвори границите со соседите

Србија после изборите ги враќа рестриктивните мерки откако деновиве бележат значителен пораст на новозаразени со коронавирус. Денеска во Белград е воведена вонредна состојба, бидејќи 82 проценти од вчерашните 359 новоинфицирани живеат во српскиот главен град. Според новите мерки се забрануваат масовни собири, угостителските објекти ќе работат до 23 часот, носењето маска и растојание од 1,5 метар се задолжителни во затворени простории и во јавниот превоз и од понеделник ќе казнуваат.

Владата на Република Србија засега се одлучи на овие 4 мерки кога е во прашање град Белград и тоа е единствено што ќе се промени во животот на луѓето, нема да има суштинска промена единствено што рестораните нема да работат после 23 часот, изјави заменик градоначалникот на Белград  Горан Вешиќ.

И покрај порастот на бројот на нови случаи со Ковид-19 во регионот, Македонија засега не планира повторно затворање на границите со Србија и Косово. Комисијата за заразни болести не се усогласи и не даде препорака за ваква мерка ниту пак да се бара тест за корона и изолација од 14 дена, туку одлуката ја остави на Владата.

-Има некои комплексни сложени ситуации во смисла на транзит, на ПЦР тестовите, некои информации недостигаат. Ќе биде важно да се продолжи со оваа консултација бидејќи сите одлуки што ние или било кој во регионот и ЕУ ги носи во однос на границите се пред се водени од здравствен аспект. Нема политика, нема пријателство, главната калкулација е епидемиолошката слика, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи.

Инаку еден од главните критериуми за македонските државјани да можат да патуваат во земјите од ЕУ е во државата во период од 14 дена да немаме повеќе од 400 новозаразени со корона, што според моменталната епидемиолошка ситуација далеку сме од исполнување на овој услов бидејќи секој ден имаме 3 цифрени бројки на инфицирани.