Македонија
19. October 2015 - 20:50

Во Виница почна седмото издание на фестивалот „Ин Виница веритас“

Во Домот на културата вечерва во Виница  почна седмото издание  на Меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“ кој во наредните пет дена ќе се релизира со финансиска поддршка на Министерството за култура, локалната самосуправа, а во организација на Домот на културата „Тошо Арсов“ од овој град. 

Претседателот на жири комисијата Блаже Докулевски ги соопшти трите награди за карикатура пристигнати на Меѓународниот конкурс што беше распишан годинава. Првата награда му припадна на Мухамед Азаднија од Иран, втората на Раул Алфонсо од Колумбија, а третата на Георгиј Лицурицу од Романија. 

Градоначалникот на Виница Емил Дончев  го истакна задоволството што Општината по седми пат го промовира хуморот и сатирата. 

- Годинава на Меѓународниот конкурс пристигнаа 320 карикатури од 138 автори, од 45 земји, од сите континенти, што секако зборува за квалитетот на овој наш меѓународен фестивал за хумор и сатира, истакна Дончев. 

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска поздравувајќи ги присутните го искажа големото задоволство што може да присуствува на отворање на еден ваков меѓународен фестивал за хумор и сатира, притоа искажувајќи го и задоволството што на Фестивалот годинава ќе учествуваат театрите од Македонија, штипскиот, велешкиот и битолскиот  со свои претстави со што ја збогатуваат  меѓународната димензија на Фестивалот, истакна Канческа-Милевска. 

На оваа сцена досега учествувале 150 уметници од повеќе држави меѓу кои и Братислав Димитров, Бојан Љубеновиќ и други што е вистинска заслуга на Виница да го репрезентираат овој фестивал.

Годинешното издание, рече Канческа-Милевска е збогатено и со промоцијата на книгата  со афоризми „Балканска трансферзала“, во која се застапени балканските афористичари Драгутин Миниќ, Васил Колевски, Александар Чотриќ, Миле Ѓорѓиовски и Бојан Љубеновиќ, а е збогатен и со неверојатна изложба од карикатури  пристигнати на фестивалот. 

Ова е мошне убава можност да се пофали соработката на локалната власт во овој случај на општината Виница и централната власт, Министертвото за култура. Прогласувајќи го фестивалот  за отворен министерката ја истакна познатата максима на Чарли Чаплин: „Денот без смеа е изгубен ден за сите нас“. 

Пред присутните вечерва настапи Јовица Јашин од Зрењанин, Србија со монодрамата „Има една земја“.

Затворањето на Фестивалот ќе се случи на 23 октомври кога пред виничани ќе гостува театарот на Теразие од Белград, Србија со комедијата „Чај од јасмин“.

Во рмаките на Фестивалот ќе биде реализирана и работилница за карикатура  во виничките основни и средни училишта.

Финансиски фестивалот чини еден  милион денари  средства обезбедени од Министерството за култура и општина Виница.