Свет
17. August 2017 - 9:00

Во Сирија е пронајдено американско и британско хемиско оружје

 Извештаите за оружјето од американско и британско производоство, кое е пронајдено во напуштените складови за оружје на бунтовниците во Сирија, треба да се истражат, изјави заменик-портпаролот на ОН Фархан Хак, додавајќи дека Дамаск не испратил информации за тој случај во Организацијата. 

- Загрижени сме по повод извештаите за хемиското оружје. Тоа се работи кои треба да се истражат, нагласи Хак, објаснувајќи дека засега ОН нема официјални информации за тоа, пренесува Танјуг. 

Сирискиот заменик-министер за надворешни работи Фејсал Микдад изјави денеска на прес-конференција во Дамаск дека хемиско оружје произведено во САД и Велика Британија е пронајдено на териториите кои се ослободени од терористите, јави ТАСС. 

- Сите пронајдени средства беа рачни бомби и минофрлачки гранати опремени со агенсите ЦС и ЦХ. Хемиската муниција ја произвела фирмата „Федерал Лабораторис“ од САД, а агенсите британската „Шерминг Дефенс“ и американската „Нонлетал Технолоџис“, наведе Микдад, прикажувајќи фотографии. 

Тој додаде дека, според членот пет од Конвенцијата за забрана за хемиско оружје, примената на отровни супстанци е дозволена единствено во случај на смирување на нареди, а користењето за воени цели е забрането. 

Извор од ОН посочи дека претставници на Организацијата ќе ја посетат Сирија следната недела со цел да го истражат оружјето што било пронајдено во напуштените складови на бунтовниците.