Македонија
12. January 2016 - 17:59

Во село Ѕвегор суроваскарите и оваа Василица ќе го бркаат лошото од Пијанец

Делчево и селото Ѕвегор се подготвени за новата игра на суроваскарите кои и оваа Василица ќе го бркаат лошото од Пијанец. Годинава организацијата на локалниот обичај под маски е во рацете на млади момчиња кои најавуваат многу новини во свадбарската поворка и театарот на отворено.
 
Гоце Николовски, кум на годинешнава Сурва вели дека во организациониот одбор се вклучени главно млади луѓе, а се подготвуваат многу новини, но ќе се сочуваат традиционалните обичаи карактерисични за Ѕвегорката сурва.
 
- Сакаме да покажеме дека „Ѕвегорската сурва“ има наследници, а со тоа ѝ даваме нов живот на Ѕвегорската сурва која трае со векови. Овој обичај под маски нема да згасне, вели Николовски.
 
Обичајот под маски започнува рано наутро на денот Василица, а завршува доцна вечерта со вечера подготвена од кумот кога ќе бидат симнати сите маски.
 
За оваа година суроваскарите ќе имаат 70 маски. Во нив задолжителни се маските на невестата, зетот, белаците кои ја чуваат невестата.
 
Димитар Узунски, фолклорист и истражувач на фолклорното богатство во Пијанец,  вели дека секој лик од свадбената поворка за Сурва има своја улога и значење. Пораката  на играта под маски е сурова, здрава, зелена и плодна нова година, а по бројот на маските и карактеристичната игра на свадбарите, етнолозите ја  нарекуваат и Пијанечко Вевчани.
 
- Има карактеристични маски, невеста, зет, поп, белаци, облечени во бело кои ја чуваат невестата која не треба да биде откриена сѐ до вечерта, кога ќе бидат симнати сите маски. Доколку с е откире невестата предвреме, тогаш обичајот завршува таму, каде што ќе биде откриена невестата, вели Узунски.
 
Но, тој го потенцира значењето и на другите маски кои имаат своја порака.
 
- Во свадбената поворка од маски задолжително има и мечка која  има задача да ги лекува болните и традиција е во секоја куќа, мечката да нагази некој од домаќините за да го благослови. Потоа има стара баба која ја асоцира старата година, но задолжителни се и еротски сцени кои асоцираат на плодноста, појаснува Узунски.
 
„Ѕвегорската сурова“ е вековна традиција , по многу нешта уникатна и сочувана како живо наследство. Обичајот под маски Сурва се практикува во сите населени места и во градот Делчево. Ноќта спроти Василица, маскирани деца одат по куќите пеат песни и благословуваат. Само во Ѕвегор, овој обичај се изведува на самиот ден на Василица. Според постарите жители, причина за ова е што селото во турско време било претежно населено со Турци, а христијаните биле по околните ридови, па за нив не било безбедно ноќта да шетаат по селото.
 
Годинава поддршката за Ѕвегорската сурва  е на Општина Делчево и на спонзори.