Македонија
12. July 2019 - 16:40

Во Преспа проценка на штетите од невремето

Во Преспа полека се нормализира состојбата откако силното невреме направи пустош во неколку села. Критична состојбата е уште во две села, Штрбово и Долно Дупени каде се уште нема електрична енергија и вода, меѓутоа се очекува тоа да се среди во текот на денот.

-Екипите на ЕВН засилено работат и добив уверување дека и овие села ќе добијат напојување. Во вчерашниот ден повеќето села добија електрична енергија, а со тоа и водоснабдување, истакна градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски.

Инаку општинските комисии за проценка на штетата од невремето се формирани и веќе се на терен. Вчера попладне беше одржана вонредна седница на Советот на Општина Ресен каде освен заклучокот за формирање повеќе стручни комисии за проценка на штетата, се одлучи и да се обезбедат парични средства од буџетот на општината за основните потреби на населението, да се објави јавен повик за пријавување на штетите, да се отвори жиро сметка за донации на средства за оштетените како и телефонски број и лице за контакт за пријавување на проблемите од природната катастрофа.