Македонија
16. February 2016 - 8:58

Во осум сообраќајки вчера во Скопје, една жртва, четворица повредени

Сообраќајната полиција вчера на подрачјето на Град Скопје изврши увид на вкупно осум сообраќајни незгоди.

Од нив, три се со последица материјална штета и четири се со последица телесна повреда, во кои со полесни повреди се здобиле еден возач на моторно товарно возило, двајца пешаци и еден патник во автобус.

Се случила и една незгода во која едно лице го загуби животот. Истата се случила во 9 часот и 40 минути на крстосницата од ул.„Радишанска“ и ул. „Боро Краљевски“ во која учествувале две патнички моторни возила, „југо“ и „мазда“, со скопски регистарски таблички, управувани од граѓани на Скопје. По незгодата возачот и сопатникот од патничкото моторно возило „југо“ со возило на Брза помош биле пренесени во ГОБ „Св. Наум Охридски“ заради укажување на лекарска помош при што кај сопатникот биле констатирани тешки телесни повреди, а возачот по извесно време им подлегнал на повредите.

Во текот вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 42 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото. Седум  возачи го управувале возилото под дејство на алкохол и тие се исклучени од сообраќај, како и седум возачи кои не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, односно поминале на црвено светло на семафор.

Санкционирани се и 29 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафор.

Со помош на специјалното возило „пајак“ вчера од страна на сообраќајната полиција отстранети се 72 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе одржи едукативни предавања во ОУ „Аврам Писевски“ кое се наоѓа во населеното место Бардовци, општина Карпош, со учениците од второ и четврто одделение.

Во 10 часот поранешните вработени на ОХИС ќе одржат мирен протест на бул. „Илинден“ пред зградата на Владата на Република Македонија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а по потреба и пренасочување на сообраќајот.