Македонија
3. September 2018 - 11:01

Во општина Новаци годинава 17 ученици во прво одделение

Општина Новаци годинава во основните училишта запиша 17 првачиња, од нив девет почнаа со настава во училиштето во Новаци, а останатите осум ќе учат во другите населени места во таа општина.

Првиот училишен час за сите првачиња се одржа во ОУ „Славко Лумбарковски“, а успех во учењето им посакаа градоначалникот на општина Новаци Љубе Кузманоски и директорт на училиштето, Илче Соклевски.

- Образовниот процес во општината почнува без никакви проблеми за сите 17 првачиња, но и за сите 268 основци кои денеска ја почнаа новата учебна година. Создадовме услови за непречен образовен процес затоа што знаеме дека знаењето и вештините стекнати во образовниот процес овозможуваат развивање на новите генерации и подобра иднина, рече меѓу другото градоначалникот Кузманоски на првиот наставен час што утрово се одржа во Новаци.

Со одлука на градоначалникот и Советот на општина Новаци, оваа година на сите првачиња, локалната самоуправа им додели по 4.000 денари, еднократна парична помош.