Македонија
18. July 2021 - 9:43

Во Македонија вратени борци на ИСИС кои војувале во Ирак и Сирија

Доцна синоќа Владата успешно го заврши процесот на репатријација на државјани на Република Македонија од Сирија и Ирак – четворица мажи – странски терористички борци, пет жени и 14 деца.

Владината прес-служба соопшти дека процесот е спроведен согласно обврските на Република Македонија кои произлегуваат од меѓународното право, меѓународното право за човекови права, меѓународното хуманитарно право, стандардите и резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации.

– Против четворицата странски терористички борци, по претходно обезбедени докази од страна на Министерството за внатрешни работи – Бирото за јавна безбедност, и во координација со Агенцијата за национална безбедност, поднесени се соодветни кривични пријави во согласност со националното законодавство. Поради нивна недостапност на органите на прогонот, за нив имаше распишано меѓународни потерници, а во нивно отсуство, определена е мерка притвор, со решение на надлежен суд, соопшти утрово Владата.

Репатрираните жени и деца ќе подлежат на четиринаесетдневен здравствен карантин на доброволна основа и неопходни лекарски прегледи, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, со цел заштита на јавното здравје.

– Во наредниот период, надлежните служби ќе работат на обезбедување докази за можно учество во инкриминирани дејствија, за секој случај поединечно. Со исклучување на можноста за нивна вклученост во дејствија кои подлежат на казнено-правна одговорност, почитувајќи го во целост начелото на доброволност, ќе отпочне процесот на нивно рехабилитирање, ресоцијализирање и реинтегрирање во заедницата, односно во општеството, наведува владината прес-служба.

Сите мерки и активности кои се преземаат од страна на институциите се базираат на обврските од Националниот план и процедурите за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства, усвоени од страна на Владата на Република Македонија, а за чија координација и имплементација е надлежна Канцеларијата на Националниот координатор за спречување на  насилен екстремизам и борба против тероризам.

– Република Македонија, како членка на НАТО и Глобалната коалиција за борба против ИСИС, во соработка со нашиот стратешки партнер САД, останува посветена во примената на највисоките стандарди во борбата против насилниот екстремизам и тероризмот, со цел осигурување на безбедност, сигурност, стабилност и просперитет на највисоко ниво за граѓаните на нашата земја и пошироко во регионот, се наведува во владиното соопштение.