Свет
8. December 2022 - 11:20

Во Иран егзекутиран учесник на протест осуден за повреда на припадник на паравоени формации

 Маж осуден за повреда на припадник на паравоени сили за време на протестите во Иран, е егзекутиран утрово во Техеран, јави агенцијата Ирна.

Ова е прво извршување на смртна казна на осуден учесник во протестите.

Осуденикот ранил припадник на групата Басиџ, доброволна паравоена група на елитната иранска Револуционерна гарда, откако го блокираше сообраќајот на авенијата во Техеран за време на немирите што ја тресат земјата речиси три месеци.

Тримесечните антивладини демонстрации на кои интервенираа иранските безбедносни сили беа предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини, откако таа беше приведена поради наводно кршење на строгиот кодекс на облекување на Иран.

Во меѓувреме, демонстрациите се претворија во повици за соборување на верските владетели во Иран и претставуваат еден од најсериозните предизвици за иранските власти од револуцијата во 1979 година.

Револуционерниот суд на Иран редовно изрекува смртни казни. Судот е основан по исламската револуција во 1979 година.